ПОЦ започнува со бележење на паркинг места и поставување нови табли

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“-Скопје од денеска започнува со бележење на паркинг места и поставување на нови информативни табли на сите паркиралишта со кои стопанисува претпријатието.

Од ПОЦ појаснуваат дека целта е полесно, попрегледно и пофункционално паркирање во општина Центар. Работата ќе започне од Зона 0 (нулта), а во наредните два месеци ќе бидат одбележани паркинг местата во сите зони, а старите информативни табли ќе бидат ревидирани и заменети со нови на сите отворени, затворени и резидентни паркиралишта со кои стопанисува претпријатието.

ЈП ПОЦ апелира до жителите да имаат разбирање за наведените активности, бидејќи по завршување на бележењето на паркинг места и поставувањето на нови информативни табли ќе се добие подобра организација на паркирањето и ќе можат да користат добро уредени и безбедни паркинг места.