ПОЦ ги менува правилата за паркирање во општина Центар

ЈП Паркинзи на Општина Центар-Скопје воведе промени во начинот на користење на резидентните паркиралишта со коишто стопанисува.

 

Согласно член 1 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за користење на јавните паркиралишта од значење на Општина Центар-Скопје (“Службен гласник на Општина Центар-Скопје” број 18/18) во член 7 ставот (1) кој гласи: “Резидентни паркиралишта се јавни паркиралишта наменети единствено за станарите и жителите на Општина Центар коишто живеат во опфатот на јавното паркиралиште од значење за Општина Центар”, се менува и гласи: “Резидентни паркиралишта и резидентни улици се јавни паркиралишта кои се уредени на начин единствено со намена за станарите и жителите на Општина Центар коишто живеат во опфатот на паркинг секторот каде што се наоѓа односното јавно паркиралиште од значење за Oпштина Центар.”

ЈП Паркинзи на Општина Центар ги воведе овие промени за да им овозможи на жителите на општина Центар непречено да ги користат резидентните зони исклучиво за сопствени потреби. Имено, со овие промени ќе се воведе ред во паркирањето на резидентните паркиралиштата со кои стопанисува претпријатието со цел ослободување на тротоарите, пешачките зони и јавните површини од непрописно паркирани возила.

Во наредните два месеци контролорите на ЈП ПОЦ ќе ги опоменуваат сите возила коишто ќе бидат затекнати на резидентно паркиралиште или резидентна улица, а не се корисници-резиденти на секторот во коишто се паркирани. Од 10 април 2019 година (среда) корисниците коишто ќе постапуваат спротивно новите насоки ќе бидат санкционирани со поставување на механичко средство „Блокатор“ или отстранети со специјално возило „Пајак“.