Победата на Арсовска - причина за оставка на премиерот и лидер на СДСМ

Данела Арсовска ќе биде првата жена градоначалник на Град Скопје, по независноста на земјава. Историски момент е што за прв пат по три децении на чело на метрополата ќе застане жена чија победа на Локалните избори 2021 донесе низа превирања на домашната, но и политичката сцена во регионот. 

Победата на Арсовска беше причина за оставка на премиерот на Владата и лидер на опонентите, Зоран Заев. 

Арсовска беше независна кандидатка која доби поддржка од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. 

Тaa e родена Скопјанка, сопруга и мајка. По професија правник со дополнителна едукација на Универзитетот Оксфорд и Шефилд.

-Мојата професионална определба успешно се надополнува со бранењето на интересите на Сојузот на стопански комори со којшто раководам од 2014 година. Од 2018 година сум во раководната структура на Светската федерација на комори каде има 12.700 членови и сум една од четирите жени кои се носители на таа функција во светот. Како личност и како претседател на Сојузот се залагам за поголема општествена одговорност на приватниот сектор во земјава, а за досегашната работа добив награда од Светскиот форум на бизнис ангели како најдобар пример кај жените во деловниот свет во Југоисточна Европа, соопшти Арсовска на својот ФБ профил кога ја објави кандидатурата. 

Таа е дел од меѓународната мрежа на експерти во Г20 каде работи на креирањето на политиките за интегритет и усогласување на регулативата на најсилните економии во светот и е една од основачите на Македонската асоцијација на жени претприемачи.

Пред две години Арсовска беше избрана за член во Бордот на Глобалниот комитет на жени лидери предводен од Свати Мандела, внуката на Нелсон Мандела. Во овој комитет членуваат Колинда Грабар Китаровиќ – поранешната претседателка на Хрватска, Аменах Гуриб Фахим – поранешната претседателка на Маурициус, како и Мари Кристин Огли – претседателката на Светската асоцијација на жени претприемачи.

Од 2020 година, со согласност на Владата Арсовска е почесен конзул на Унгарија со седиште во Штип за да се зголеми соработката меѓу двете земји на економско ниво посебно во делот на источна Македонија.

Во 2019 година ја покренува иницијативата за учество на жените во климатска акција каде директно се преземаат мерки во институциите и приватниот сектор за намалување на загадувањето. Член е на Гриновет проектот каде се вклучени 4 држави за развој на образованието за екологија со цел да се обезбедат услови за континуирано спроведување на зелена, инклузивна и одржлива економија. Член е и на партнерската кампања на Обединетите нации за Деловен климатски хаб каде во 78 земји малите и средните претпријатија почнаа активно намалување на емисиите на стакленички гасови и справување со климатските промени.