Побарана казна од 1.000 евра за непочитување на полицискиот час

Основното јавно обвинителство Гевгелија поднесе предлог за изрекување казна од 1 000 евра против едно лице за нарушување на полицискиот час. Лицето се товари за сторено кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик. 

Обвинетиот, на 26 март во 02:45 часот, за време на полицискиот час бил затекнат со автомобил кај клучката Прдејци. Со ова тој не постапил според прописите со кои се определуваат мерки за спречување и сузбивање на опасната болест Ковид-19, односно не ја почитувал Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, информираат од ОЈО.

Надлежниот јавен обвинител предложи на обвинетиот да му биде изречена парична казна во висина од 100 дневни глоби, при што вредноста на секоја дневна глоба да биде одредена на 10 евра во денарска противвредност.