Побарајте медицинска помош ако добиете убод од крлеж или некој друг инсект, не се лекувајте сами

Подигнување на свесноста на луѓето за опасноста од оваа инфекција и сериозноста кога таа навреме не се дијагностицира и не се лекува е првиот чекор во спречување на нејзиното ширење! Секој убод од крлеж треба да се сфати сериозно и да се побара стручна лекарска помош!

Како се пренесува?

Болеста се јавува претежно во северната хемисфера, каде живеат крлежите , кои се одговорни за пренесување на болеста. Начинот на пренесување е следниот: крлежот каснува некое од дивите животни кои се резервоар за бактериите од родот Borrelia и ги внесува во своето тело; продолжувајќи да бара храна за себе (крв) го каснува повремено и човекот закачувајќи се длабоко со главата, при што преку својата плунка директно ги внесува бактериите во кожата на каснатиот човек. Потребно е да остане закачен полни 24 часа или подолго за да ги исфрли бактериите во каснатото место.

Симптоми

Најкарактеристичен знак кој укажува дека крлежот бил заразен е црвенило без оток кое се шири симетрично, а се јавува на каснатото место 3 дена до 4 недели по каснувањето (erythema migrans). Истовремено се јавува и болест слична на грип, следена со покачена температура, грозница, болка во мускулите и главоболка. Инфекцијата се лекува со антибиотска терапија. Ако не се почне навреме со терапија, инфекцијата ги зафаќа зглобовите, срцето и мозокот, со манифестација на различни и сериозни симптоми од страна на зафатените органи. Хроничната инфекција која не се дијагностицира и лекува навреме доведува до трајно оштетување на функцијата на зафатените органи. При секое сомнение за каснување од крлеж треба да се испитаат антитела кон оваа бактерија.

Како да се заштитиме од инфекцијата?

Најсигурен начин е да се спречи каснувањето на крлежот. За таа цел треба да се покрије кожата со заштитна облека (долги пантолони, чорапи, блуза со долги ракави и капа) во светла боја (за да се забележат крлежите) и задолжителна употреба на репеленти при секое излегување во природа. По прошетката треба да се провери кожата за евентулано закачени крлежи. Секој најден крлеж не смее самостојно и нестручно да се вади (секое смачкување или откинување предизвикува продор на борелии во кожата на каснатиот), туку треба да се појде кај хирург (во нашата болница има Оддел за пластична хирургија за стручно отстранување) во рок од првите 24 часа кои се сметаат како безбедни за пациентот во однос на оваа инфекција. Сите домашни миленичиња треба редовно превентивно да се третираат против крлежи. Најкритични периоди за лајм борелиоза се од мај до јули кога младите крлежи, кои тешко се забележуваат, се најактивни, но ризичен период е и во август и во септември кога се активни ларвите, како и периодот на пролет и есен, кога живеат возрасните крлежи.