
„Ова е крај на едно триесетгодишно чекање“, порача градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информирајќи дека на булеварот за кој, како што вели, генерации граѓани со години слушале ветувања, започнало поставувањето на првиот слој асфалт.
Ѓорѓиевски посочува дека повеќе од 100.000 граѓани кои секојдневно гравитираат во овој дел од Скопје досега се соочувале со сообраќајни гужви и метеж.
Додава дека со решавањето на проблемот со експропријацијата била ослободена трасата и започнала изградбата, која, според него, се одвива со силно темпо.
„Нешто повеќе од три месеци подоцна, го поставуваме првиот слој асфалт“, наведува Ѓорѓиевски.
По завршувањето на оваа страна од булеварот, сообраќајот ќе биде пренасочен, по што ќе започне реконструкцијата на другиот дел од трасата.
Паралелно со изградбата, според Ѓорѓиевски, поставена е и нова атмосферска канализација, со цел да се обезбеди соодветно одведување на атмосферските води и долгорочно инфраструктурно решение.
„Ветивме и остваривме“, порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека Скопје треба да добие модерна и безбедна патна инфраструктура.