Солзи, тага и неутешност, ниту еден збор не допира до семејството Јакупи од скопската населба Чаир. Смртта на малата Ајана, која едвај беше стара 14 месеци, ги урна сите надежи за среќна иднина и подобро утре, пренесува Независен.

Светло на крајот на тунелот е двомесечниот Нухо, кој сѐ уште не е свесен дека на неговите меки плешки сега има одговорна задача: да го носи споменот на повозрасната сестра, да ги направи горди родителите, дедовците и бабите и да им даде потстрек да ги издржат овие моменти на кршливост.

Трагедијата што ја потресе целата држава се случи во вторникот околу 18 часот. Ајана, заедно со бабата излегла да се прошета надвор и да испазарат во блиската продавница. Во еден момент, качувајќи се дома на седмиот кат од зградата, девојчето се оттргнува од рацете на баба си, губи рамнотежа и паѓа од меѓукатот директно на плочникот пред висококатницата. Се стрчуваат блиските и соседите, се повикува Брзата помош. Девојчето се носи во болницата „Аџибадем Систина“, констатирана е скршеница на черепот и крвавење на мозокот. Во 19:10 часот стигнува злокобната вест: за нејзиниот живот е доцна. Дваесетина минути подоцна, дежурните служби се јавуваат во полицијата. Започнува истрага, информирано е и Основното јавно обвинителство.

„Ги преземаме сите дејствија, но не се пронајдени елементи на сторени кривични дела, односно станува збор за несреќен случај“, велат од Обвинителството.

Дождот што цела вечер во вторникот лееше во Скопје ги изми трагите од крвта на местото каде што падна несреќното дете. Но таму сѐ мириса на трагедија. Времето како да е запрено, а соседите што поминуваат како да не веруваат во тоа што се случило.

„Цела ноќ сум на таблети за смирување, а и сега одам на лекар да ми пропишат нови. Можно ли е ова што се случува“, се прашува повозрасна жена, која се претставува како блиска на семејството Јакупи.

Малата Ајана, заедно со помалото братче, мајка си и бабата и дедото по мајчина линија живееле во стан на седмиот кат од деветкатницата. Го опремиле пред некоја година, сите биле среќни што семејството се проширило.

„Тие беа најдобрите луѓе што ги знам“, изустува...

Лифтот не работи со месеци. Всушност, ретко и работи. Пред крајот на минатата година се расипал по јубилеен илјадитти пат. Од станарите било побарано да платат по 2.000 денари за да се поправи. Платиле, ама „среќата“ кратко траела. Се расипал повторно. Овој пат им побарале по 1.500 денари од човек.

„Синко, тука живеат сиромашни луѓе. Пензионери, невработени, социјалци... Од каде да им најдеме толку пари? Си рековме: Добро, ќе одиме пеш. Сега нека одат налет и три, и пет, и десет илјади денари, само детето да може да се врати“, коментира повозрасен човек во есента на својот живот.