По силното невреме, громови погодија неколку домови - што треба да направите за да се заштитите

Променливо и нестабилно време нѐ очекува наредниот период, особено во попладневните часови, за кога Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) прогнозира зачестена појава на локален пороен дожд и грмежи.

Силното невреме кое што ја зафати Македонија деновиве направи повеќе штети. Громови удрија во неколку домови.

Вакви трагични настани предизвикани од грмежи речиси секоја година има кај нас, а најмногу во пролетните и летните месеци, кога најчесто има краткотрајни невремиња со многу електрични празнења. 

Громот е празнење на електрицитетот при невреме. Ако временското растојание од светнувањето на молњата до татнежот е помало или еднакво на три секунди, тоа значи дека громот удрил на само километар од нас, па има шанси и да стигне до нас. Кај нас од гром најчесто починуваат оние што се нашле на отворено, на пример во нива додека ја паселе стоката... Затоа метеоролозите советуваат да не се седи на отворени места, туку на заштитени, онаму каде што има громобрани. Тие истакнуваат дека е мит верувањето оти молњата не може да удри повеќепати на исто место и дека нема правило оти секогаш удира во највисоки објекти.

За заштита од громови треба да се внимава на неколку правила. Имено, пред заминување на планина или на отворен простор добро е да се информираме за временските услови. На планина невремето е честа појава налето, а доколку наидува, треба да се засолниме на сигурно место. 

Доколку се престојува во ѕидан објект а грми, треба да се избегнува да се стои покрај прозорци и врати, метални столбови, метални предмети. 

За на планина, како сигурно место се сметаат големите пештери. Небезбедно, пак, е покрај мали карпи, плитки јами, мокри карпи. 

Некои од предупредувањата за заштита велат дека секој проводник на струја што е поставен над висината на рамото ја зголемува опасноста од директен удар. При невреме луѓето не треба да се движат во голема група. Движењето во помали групи го намалува ризикот да има многу жртви доколку удри гром. 

ЗАБОРАВЕТЕ НА МОБИЛНИОТ, ИСКЛУЧЕТЕ ГО РАДИОТО

Кога грми, на отворено не треба да се користат мобилните телефони и радиоуредите. Громот до нас може да го доведат и мокри јажиња. Доколку сме во автомобил, треба да ја отстраниме антената за радио, доколку ја има, и треба да се оддалечиме од металните предмети и шофершајбната.