По седум месеци мирување, Вардариште вчера повторно гореше

Вардариште вчера повторно се запали. Граѓаните на Скопје повторно се соочуваат со добро познатото сценарио: густ чад, неподнослива миризба и екстремно загадување на воздухот.

Од граѓанското здружение „Стоп за Вардариште“ испратија остра реакција, нагласувајќи дека ова е нивното последно предупредување до надлежните органи. Тие потсетуваат дека со месеци владеел релативен мир, но денешниот инцидент претставува директна закана по јавното здравје.

Доколку не се преземат итни чекори и палењата продолжат, од здружението најавуваат дека нема да останат мирни. Тие предупредуваат на потенцијално активирање на блокадите низ градот како форма на протест против континуираното труење на главниот град.

„Нема да дозволиме Вардариште повторно да го труе Скопје!“, нагласија од здружението во своето соопштение.

Граѓаните упатуваат повик до сите надлежни инспекторати и институции да реагираат со највисок степен на сериозност. Исто така, упатено беше барање и до Министерството за внатрешни работи веднаш да го врати полициското присуство на теренот на депонијата за да се спречат намерни палења.