По примерот на Љубљана, Аеродром станува општина со нула отпад

Претставници од Општина Аеродром остварија неколкудневна студиска посета на Љубљана во рамките на проектот „Чист Аеродром – Нула отпад во Општина Аеродром“, кој е ко-финансиран од Европската Унија, а општината го спроведува во партнерство со Гоу Грин и Омниум.

Работните средби се одржаа во Регионалниот центар за управување со отпад RCERO Ljubljana (Regional Center for Waste Management Ljubljana) кој претставува најмодерна и самоодржлива установа и успешен пример имплементиран во вкупно 58 словенечки општини.

Таму претставниците на општината имаа можност да се запознаат со процесите на воведувањето на системот за управување со цврст отпад.

-Искуствата од посетата ќе бидат пренесени во спроведувањето на проектот, со што е предвидено до 2024 година, Аеродром како општина со нула отпад и ефикасен механизам за селекција на отпад, да прерасне во пример кој ќе го следат и другите единици на локалната самоуправа. Како главен град - лидер во Европската Унија за селекција на отпад, Љубљана во 2021 година изврши селекција на вкупно 70,5% од отпадот на своја територија, велат од општина Аеродром.

Љубљана е прв и единствен главен град во Европа кој цели кон нула отпад и токму затоа нејзиното јавно препријатие „Вока Снага“ е избран како ментор и обучувач при воведувањето на новата инфраструктура и спроведување на процесите за селекција на отпад.

-Колегите од Љубљана ги споделија своите искуства и практики од целиот процес, со кој се овозможува рециклирање и реупотреба на отпадот. Притоа, нивната порака е дека за успешна реализација на проектот, најважно е да се охрабрат граѓаните и бизнисите да ја намалат количината на отпад која ја продуцираат, како и овозможување на соодветна легислатива, поддршка и политичка волја, соодветна инфраструктура и квалитетни услуги и комуникација, велат од општина Аеродром.