По препорака од ЕМА ќе се одлучи дали помладите ќе се ревакцинираат со „Астра Зенека“ или со друга вакцина

Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека утрово е разговарано со српското Министерство за здравство за список на македонски граѓани кои се вакцинирале со „Астра Зенека“ во Србија, а откако ќе биде познат ставот на Европската агенција за лекови (ЕМА) дали таа ќе продолжи да им се дава на помлади лица, тие наши граѓани во земјава ќе ја добијат втората доза од оваа вакцина.

Доколку по препорака на ЕМА нема да продолжи вакцинирањето кај помлади од 60 години со „Астра Зенека“, овие луѓе ќе бидат ревакцинирани со вакцина од друг производител.

-Ние ќе се водиме според препораките на Европската агенција на лекови. Бордот на ЕМА меѓу 6 и 9 април ќе има состанок и ќе се чека нивниот став во однос на аплицирање „Астра Зенека“ кај помлади – доколку ставот е да се продолжи и нема никаков проблем – сите тие ќе може да бидат и ревакцинирани,  изјави Филипче.

Додаде дека вакцинирањето со „Астра Зенека“ кај граѓани над 77 години на пунктовите низ државата се одвива добро и без контраиндикации, има списоци и за помлади од таа возраст, а треба да стигнат и дополнителни колични од оваа вакцина.

Во претстојниот период се очекуваат и 20 000 вакцини „Спутник“ за да бидат ревакцинирани граѓаните кои од вчера масовно се имунизираат со оваа вакцина во салата „Борис Трајковски“.

Од средината до крајот на месецов се очекуваат и кинеските вакцини и вакцините „Фајзер“, но, рече Филипче, бидејќи многупати досега најавите не се остварија поради проблеми од страна на производителите, ќе соопштат тогаш кога ќе има конкретни датуми.

-Има најави дека помеѓу 15 и 20-ти треба да стигнат и кинеските и вакцините „Фајзер“ од нашиот директен договор и од трипартитниот од Европа, но кога ќе имаме конкретни датуми, ќе ги соопштиме, рече Филипче.