По повод Денот на жените: Концерт “Женски приказни” под палка на Елена Митревска

„Женски приказни“ е наслов на концертот кој токму по повод Денот на жените, на 8 март ќе се одржи во Македонската филхармонија, под палка на диригентката Елена Митревска.

Заедно со оркестарот како солист ќе настапи руската пијанистка Олга Шепс. Младата диригентка Митревска. Во Скопје ќе дојде од Овиедо каде што од 2016 е ангажирана како хор-мајстор во операта во тој шпански град.

Митревска дипломирала на Одделот за музичка теорија и педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2008 и продолжила во Виена на Универзитетот за музика и изведувачки уметности каде дипломирала – најпрвин хорско диригирање, а потоа и оркестарско диригирање заедно со престижниот Виенски камерен оркестар.

Има настапувано во престижни сали, како Мусиквереин, Њиенер Конзертхаус, Сунторѕ Халл.
Македонското деби, пак, како диригент Митревска го имаше во 2015 година со Камерниот оркестар на Музичка младина на „Охридско лето“ и на „Скопско лето“. В четврток таа ќе раководи со концертот на кој оркестарот на Македонската филхармонија ќе изведе две дела од Бетовен – Концерт за пијано и оркестар бр. 3 и Увертирата „Леонора“ бр. 3, како и „Арлезијанка“ – свити 1 и 2 од Жорж Бизе.

Таа за првпат ќе го води оркестарот на Македонската филхармонија.

Митревска посочува дека програмата насловена: „Женски приказни“ има заедничка симболика изразена преку трите композиции избрани за настапот.

“Главната симболика за овој ден ја носи увертирата „Леонора“ од Бетовен. Токму оваа (третата) увертира, која ќе ја изведеме на концертот во четврток, успева да ја прераскаже единствената Бетовенова опера „Фиделио“, каде Леонора е хероината која го спасува својот сакан. Третиот концерт за пијано од Бетовен (исто револуционерен од повеќе аспекти) одговара во тематиката на концертот. За крај ќе изведеме еден колаж од двете свити од сценската музика „Арлезијанка“ од Жорж Бизе. Сигурна сум дека публиката ќе ужива во сите три дела кои претставуваат една честитка и ода на денот на жената”, истакнува Митревска.