
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски информираше дека денеска направил увид на градежните активности за асфалтирање на улицата Максим Први Скопјанец, поранешна Товарник 1 во Ченто, за која вели дека била проект кој долго време бил само надеж, а денес е реалност.
„Повеќе од 50 години жителите на оваа улица чекореа по кал, во услови кои не доликуваат на достоинствен живот. Генерации растеа со ист проблем, со исти ветувања, но без решение. Пред изборите застанав пред граѓаните на оваа улица, ја побарав довербата и дадов јасно ветување – дека оваа улица ќе биде изградена. Денес, со гордост можам да кажам: ветувањето е исполнето. Ова не е само асфалт. Ова е доказ дека зборот има тежина, дека одговорноста не завршува со изборната победа, туку тогаш започнува вистинската работа“, истакна Стефковски во објавата на Фејсбук.
Тој додава дека ова е само почеток и дека ќе продолжат со силно темпо на инвестиции во патната инфраструктура, со конкретни проекти што ќе донесат подобар живот за сите граѓани.
„Во следниот период, секој дел од општина Гази Баба ќе почувствува вистинска грижа, развој и промени што се гледаат и се живеат. Заедно продолжуваме напред – со работа, со резултати и со визија што се остварува“, порача градоначалникот.