По подолг период на застој, продолжува изградбата на улицата „Љубљанска“

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска информираше дека по долг период на застој, продолжува изградбата на улицата „Љубљанска“, со што ќе се пушти во употреба мостот во Карпош.

„Довербата што ја добив од граѓаните е обврска да се решаваат проблемите кои со години беа наталожени. Денес, со задоволство можам да информирам дека продолжува реализацијата на проектот за поврзување на улицата „Љубљанска“ со „Скупи“, со што овој важен мост на реката Вардар конечно ќе биде ставен во функција на граѓаните“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој потсети дека проектот беше стопиран поради неопходноста од обезбедување мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар за заштита на локалитетот „Скупи“, согласно законската регулатива.

„Со сериозна работа, силна волја и одговорен пристап, потребната дозвола е обезбедена, културното наследство е заштитено, а градежните активности ќе продолжат со засилен интензитет по завршувањето на конзерваторските зафати. Со комплетирањето на делот од мостот до улицата „Скупи“, ќе се воспостави клучна сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје“, посочи Ѓорѓиевски, додавајќи дека тоа ќе значи подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, значително растоварување на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“, како и побрз и побезбеден излез кон обиколницата.

Со проектот се предвидува отворање на нова современа сообраќајна оска, како и функционално и безбедно решение за влезот во селото преку кружен тек или адаптивна семафоризација, согласно потребите на сообраќајот.

„Нашата цел е намалување на сообраќајниот метеж, целосна заштита на културното наследство кај локалитетот Скупи и обезбедување безбеден и ефикасен проток за возила и пешаци“, нагласи градоначалникот.

Унапредувањето на патната и сообраќајната инфраструктура, како што рече Ѓорѓиевски, бил еден од нивните врвни приоритети, затоа што директно значи подобар квалитет на живот за сите.