По пет месеци блокада, „Христијан Тодоровски Карпош“ прооден од викендов

По пет месеци блокада, претстојниот викенд градските власти очекуваат да биде пуштен во употреба новоизградениот дел од булеварот Христијан Тодоровски Карпош во Бутел за да се намали огромниот метеж што се создава на кружниот тек во оваа населба.

На жителите од овој дел на Скопје им требаат и по 40 минути да го минат само кружниот тек оти тој е единствената врска на градот со Бутел 1, Радишани и околните места. Целосно затворени за сообраќај се алтернативните улици Цетинкса и новоизградениот дел од булеварот Христијан Тодоровски Карпош поради премостување на електрични и водоводни инсталации. Вината за одолговлекување на работите, градоначалникот Петре Шилегов посочува дека е кај претходното раководство на Градот.

„Потегот Христијан Тодоровски Карпош – Цетинска, којшто претставува повеќемесечен проблем за граѓаните на општина Бутел и населените места околу, вклучително и населба Радишани, е потег што го наследивме со проблеми бидејќи при проектирањето на булеварот Христијан Тодоровски Карпош ниту било проектирано решение за влез на улица Цетинска ниту е проектирана улицата Боца Иванова, ниту биле проектирани водоводната ниту електричната инсталација коишто проаѓаат во тој потег кај подвозникот на Христијан Тодоровски Карпош. Градот Скопје во меѓувреме ги изработи сите тие проекти, напоменувам дека  доколку не го премостивме водоснабдувањето на соодветен начин, тој дел од градот  ќе останеше без вода за пиење, од една страна, од друга страна таму поминуваат два 35-волтни кабли од коишто се снабдува половина Скопје со електрична енергија и ние моравме  тоа да го сработиме со внимание. За жал, тоа не беше претходно проектирано. Тие работи се завршени во текот на викендот, а денеска граѓаните можат да забележат дека се одвива асфалтирање на Христијан Тодоровски Карпош. Очекувам дека тоа ќе биде завршено наредните денови и викендов ќе можеме и официјално да го пуштиме во употреба“, вели градоначалникот Шилегов.