Градскиот совет на Тирана едногласно ја усвои иницијативата на градоначалникот Ерион Вељиај четворицата поранешни високи функционери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Кадри Весељи, Јакуп Красниќи и Реџеп Сељими – да бидат прогласени за почесни граѓани на главниот град на Албанија.

фото: Коха
Во образложението се наведува дека признанието им се доделува за нивниот придонес во историјата на Косово, во војната на ОВК и во политичкиот процес што довел до независноста на Косово, како и поради нивните врски со Тирана и Албанија.
Иницијативата доаѓа само две недели по првостепената пресуда на Специјализираните совети на Косово во Хаг, со која четворицата беа прогласени за виновни за воени злосторства. Судскиот совет ги осуди Тачи и Красниќи на по 25 години затвор, Весељи на 18, а Сељими на 13 години.
Судот ги прогласи за кривично одговорни за воени злосторства поврзани со незаконско или произволно апсење и притворање, сурово постапување, тортура и убиства. Истовремено, сите четворица беа ослободени од обвиненијата за злосторства против човештвото. Во одлуката на Тирана се нагласува и „посебната врска со Тирана“ и придонесот за приближување и соработка меѓу Косово и Албанија.
Одлуката на Градскиот совет е донесена во период на силни реакции во Косово по пресудата во Хаг, каде што во последните денови се одржуваат протести во знак на поддршка на четворицата поранешни команданти на ОВК.