По неколку години: Опасната голема кашлица се врати во Македонија

Опасната голема кашлица или кај народот позната како магарешка, е регистрирана кај близнаци од Тетово и тримесечно бебе од Штип. Тие не ја примиле задолжителната вакцина ДиТеПер која штити од оваа тешка заразна болест.

Според статистичките податоци,  последните години немало случаи на пертусис.  Педијатрите велат дека лекувањето трае долго, а комликациите можат да предизвикаат и фатален крај.

-Болеста е многу сериозна, пневмонии, менингит, епилептични напади и секако е најопасна за новороденчињата – вели д-р Венера Митревска од диспанзерот за имунизација во Поликлиниката Букурешт.

Лекарите признаваат дека последните неколку години има опаѓање на опфатот за имунизација, особено ревакцинациите. Родители не ги носат децата исплашени од пишувањата по интернет за наводни компликации по боцкањето.

Антивакциналните кампањи и одбивањето на родителите да ги заштитат децата, според лекарите ќе ги вратат опасните заразни заболувања кои во земјата се искоренети со години.

Во билтените на Институтот за јавно здравје, постојано регистрираат случаи на заушки, морбили и хепатит Б, заболувања кои можат да бидат спречени само преку задолжителната вакцинација.