По нападот на големиот црн волк, полицијата патролира на Водно

Настанот што ги вознемири жителите на населбите Горно и Средно Нерези на Водно кога во петокот вечерта опасни волци влегле во нивните дворови и убиле домашно куче-загар, а во соседниот двор изеле една коза, не е единствениот од ваков вид, потенцираат од Општина Kарпош, на чија територија се овие населени места.

Тие апелираат граѓаните да бидат крајно внимателни кога се рекреираат во парк-шумата, а особено во вечерните часови. Општината на својата страница на „Фејсбук“ објави дека жителите забележале голем црн волк кој ги нападнал и куќите од Горно Нерези и предизвикал паника меѓу животните и луѓето во двете населби.

Од Министерството за внатрешни работи, СВР Скопје, потврдија дека до нив пристигнала пријава за случајот.

- Во саботата во 15.30 часот во Полициската станица - Kарпош дошло лицето Ф.А. (39 години) од Горно Нерези и пријавило дека неговото домашно животно - коза било удавено, најверојатно од диво животно. Од наша страна е излезено на самото место. Сега патролна служба се грижи за безбедноста на граѓаните во делот кај Нерези. Ова е прв ваков случај пријавен во скопската полиција - изјави Лиза Бендевска, портпарол во СВР Скопје.

Од Министерството за земјоделство ни одговорија дека преземањето мерки во ваков случај е во надлежност на Градот Скопје.

- Обично во вакви случаи се организираат хајки со ловечките друштва и локалното население. Волкот кај нас не е заштитено животно, а се смета за штетник и кога се организираат такви хајки, даваме награда за негов отстрел - изјави Соња Трајкова, портпарол во Министерството.

Од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, кои се надлежни за парк-шумата, велат дека немаат никаква надлежност за ѕверовите и дека нема посебни мерки во вакви случаи. Велат и дека и нивните чуварски служби често имаат средби со диви животни на Водно.

Директорот на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ, вели дека проблеми имаат со ловокрадците.

- На судење сме со ловокрадец од Сарај. Чуварот го забележал лововокрадецот од Сарај со пријател. Усно го опоменал дека е забрането да лови. Но, тие и покрај тоа, повторно дошле на местото, при што дошло до физичка пресметка, односно чуварот бил нападнат од ловокрадецот. Случајот е пријавен во полициската станица во Ѓорче Петров. На чуварот му е одземено оружјето, што го поседува легално. Ние поднесовме пријава против непознат сторител, но случајот еве веќе 2,5 години неразрешен бидејќи ние тврдиме дека се работи за напад врз службено лице во вршење должност и бараме да му се врати запленетото оружје на чуварот, а полицијата го третира настанот како меѓусебна тепачка - информира Авировиќ.