По лавината лоши реакции, гробното место на Есма ќе го средува Владата

По лавината од лоши реакции кои излегоа во јавноста откако низ социјалните мрежи се прошири сликата, како изгеда вечното почивалиште на кралицата на ромската музика Есма Реџепова, се чини дека конечно ќе се среди и овој проблем.

Неугледно и без соодветно обележје. На вакво место почива Есма Реџепова – носител на титулата Национален уметник на Република Македонија.

Вечното почивалиште на кралицата на ромската музика, се наоѓа на Градските гробишта во Бутел и на него нема никаков споменик или епитаф.

Граѓаните изразуваат неверување дека жената која животот го посвети на хуманоста, човекољубието и добрината и со години преку оригиналната музика ја претставуваше Македонија низ светот, почива во ваков неугледен гроб.

Колку деца изгледа, ги школуваше, им обезбеди живеалиште. Вака ли ја искажуваат благодарноста. Зарем не заслужи еден цвет од сите на кои им помогна. Така нејзиниот дом ќе изгледаше како цветна градина, каква што заслужува.

Есма Реџепова почина пред две години во Скопје, а по нејзина смрт беше објавено дека целиот имот го оставила на Република Македонија. 

Откако вината беше префрлено на грбот на нејзините деца, се обрати и нејзиниот штитеник Симеон Атанасов и менаџер до крајот на животот, кој порача дека децата не се виновни, бидејќи фамилијата Реџепови, односно внуците од нејзини браќа и сестри му забраниле да и подигне споменик, ветувајќи дека тоа ќе го сторат тие, односно семејството.

По сите реакции и префрлување на вината, лидерот на Ромите, Амди Бајрам, во телефонски разговор за Фокус, потврдил дека споменикот од пред неколку дена забрзано се гради.

-Јас сум иницијатор на целата работа, бидејќи помина долго време. Точно е тоа дека Владата го средува гробот на легендарната Есма, гробот ќе биде како и на останатите граѓани погребани таму, нема да се издвојува по ништо, ќе биде достоинствен и скромен, како и сите други околу него.

Јас му поставив прашање на премиерот Заев, зошто се уште не се прави гробот, и еве сега ви ветувам дека најкасно за една недела ќе биде комплетно готов. Долго време се чекаше, не знам зошто, но сега Есма ќе добие средено гробно место, како што и заслужува – изјавил Бајрам за Фокус.