Со почеток на учебната 2023/2024 година, 6.800 ученици од општинските основни училишта на територија на општина Гази Баба ќе добијат бесплатна униформа.
Ова го соопшти градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски.
- Со реализацијата на овој проект се намалуваат социјалните разлики што ги има во секое општество и се постигнува чувство на еднаквост меѓу децата, без поделби и разлики меѓу нив во начинот на облекување, а притоа се намалуваат и трошоците на родителите на учениците. Постапката за набавка на училишните униформи е во тек, а од буџетот на општина Гази Баба се определни 12.000.000 денари, порача тој.
- Дополнително реализираме и мерка за доделување на еднократна парична помош за секое семејство кое ќе има прваче во висина од 3000 денари, а истовремено општината субвенционира организирање на летен и зимски камп за најмладите. Реализацијата на сите овие мерки и проекти се во насока на постигнување на еднакви можности за сите деца! - дополни првиот човек на општината.
Вчера и општина Кисела Вода соопшти дека ќе обезбеди бесплатни униформи за основците.