По факултет на падобранци, боза....

Ако прашате некој стар скопјанец каде лежи духот на Скопје кое тие го познавале некогаш, Скопје пред земјотресот, Скопје пред реновирањето, Скопје пред пренаселеноста, ќе ви кажат едногласно – на Стара скопска чаршија! Ова мало парче земја поплочено со калдрма, од Бит-пазар до Камени мост, од Кале до реката Серава, го собрало целиот дух на стариот град и атмосферата која во него владеела во златните години.

Безброј убавини на едно место, а посебно за љубителите на благите работи.

Ако сакате да го јадете најубаво благо, тогаш Старата скопска чаршија е идеално место за тоа.

Во минатото овде имало повеќе слаткарски дуќани, но денес едвај се неколку. Речиси во сите ги има истите ориентални слатки и задолжителниот сладолед од крем што се продава на топка, ама секоја е препознатлива по својот специјалитет.

Ако сте љубител на баклава, тогаш посетете ја чаршијата. Тамо можат да се пробаат баклави со ореви во различни форми декорирани со мелен фстак од Антеп, мало гратче во Азискиот дел на Турција познато по плантажи со фстаци, како и баклава со кајмак од млечна крема, потоа турски еклери прелиени со чоколадо, тулумби, форун или печен сутлијаш, албанско трилеце, или торта со млеко и карамел...

Оваа баклава во форма на триаголник што може да се проба само таму, се разликува од традиционалните по тоа што има специфичен вкус и е полесна за јадење.

Инаку, она што ја прави баклавата уникатна е нејзината подготовка: корите се тенки како лист хартија, а во една баклава може да има дури 70 кори чија дебелина не поминува дебелина од 2 милиметри! Убавината е во крцкавоста – што покрцкава тоа подобра и е знак за свежина, знак за најдобрата баклава. А, тоа значи, таа не треба да биде ниту претешка, ниту преслатка, туку доволно „лесна“ да ве примами да изедете цела една чинија, велат познавачите. Инаку, не се попрскува со масло, туку со посебно кравјо масло. Се пече на температура од 165 степени целзиусови, а шербетот во кој се потопува е од чист шеќер, сок од лимон и вода.

Нејзината важност не е само во тоа што се смета за симбол на богатство и софистицираност туку и поради фактот што се смета за државна традиција.

Ако си во Старата чаршија, никако немој да ги заборавиш и тулумби и лековита боза.

Меѓу слатките кои најчсто го привлекуваат вниманието на странците, но и десерт популарен во народот, се и тулумбите. Се прави од пржено тесто кое потоа се потопува во шербет. Се смета дека потекнува од Анадолија.

Бозата, која е освежителен безалхохолен пијалок кој на нашиве простори се добива со ферментација на брашно од пченица, шеќер и квасец, во Турција се прави од просо. Рецептот за овој пијалок е стар стотици години.

Се прават два вида боза. Во зима таа е густа и се јаде со лажичка, а на лето, бозата е ретка, ладна и реже и има киселкаст вкус со што е одличен освежувач.