По една година значително го намаливме долгот од над 4 милиони евра, вели градоначалникот на Ѓорче Петров

Александар Стојкоски, градоначалник на општина Ѓорче Петров, на трибината што се одржа викендов „Саем на промените што носат иднина во скопскиот регион“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ рече дека за жал оваа општина била само една од оние кои наследиле најголем терет од претходно.

Во тој дел, кажа тој, ние направивме крупни исчекори за оној долг од над 4 милиони евра што го наследивме по различни основи и успеавме сега да го доведеме на многу пониско ниво.

Стојкоски се осврна на проектите од првите 365 дена.

– Успеваме да постигнеме сериозни резултати со најгорливиот проблем расчистување на депони и расчистивме повеќе мали депонии и онаа која беше најголем проблем, онаа во Ново село каде сега никнува парк со површина од 30 илјади метри квадратни. Фокус ставивме и на инфраструктурата посебно во деловите во кои беше најпотребно и изградени се над 20 илјади метри квадратни нови локални патишта како во Даме Груев, Кисела Јаболка, Стопански двор и слично. Паралелно ја развиваме и фекалната и атмосферската канализација. Го решаваме деценскиот проблем со водоснабдување во Кучково, се инвестира и во училишната инфраструктура, намалена листата на чекање за упис во градинки, а со отворање на новиот капацитет на детската градинка Сонце каде се завршени градежните работи чекањето за упис во градинки ќе го доведеме на историски минимум, рече Стојкоски.