По цел месец предизборни ветувања, во недела вечерта веќе ќе се знае кој ќе го води Скопје

Веќе во недела на полноќ првично ќе се знае кој ќе биде прв човек на македонската метропола – Скопје.

Утре е изборен молк, а вториот круг од Локалните избори 2021 се одржува во недела кога ќе се бира градоначалник на Град Скопје меѓу Петре Шилегов од СДСМ и Коалицијата, кој ќе се бори за уште еден мандат, и Данела Арсовска, независна кандидатка која доби поддршка од ВМР-ДПМНЕ.

Скопјани имаа речиси цел месец да ги слушнат предизборните понуди на двајцата кандидати, во недела ќе го дадат својот глас за оној кој ја освоил нивната доверба, а веќе понатаму времето ќе покаже што и колку од ветеното ќе биде реализирано!

Во првиот круг на локалните избори Арсовска е пред Шилегов 7.915 гласа.

Кои се топ проектите кои им се ветуваат на скопјани?

Шилегов вчера објави дека е објавен тендерот за реализација на Бас рапид транзит системот (БРТ) со што, како што рече, се прави крупен чекор напред кон изведба на современ, еколошки, брз и ефикасен јавен превоз.

Автобуси ќе има на секои 3 до 4 минути по примерот на метро превозот, рече тој.

Неговата противкандидатка Арсовска, пак, во својата предизборна програма како главно сообраќајно решение предлага 250 нови еко автобуси и бесплатен превоз. -

Сообраќајниот хаос во Скопје ќе биде минато доколку имаме лесно достапен и бесплатен јавен превоз. Предвидуваме ЦЕЛОСНО БЕСПЛАТЕН квалитетен јавен градски автобуски превоз што ќе се реализира етапно во период на прилагодување. Скопјани тогаш ќе имаат еколошка алтернатива на автомобилите и ќе знаат да го направат вистинскиот избор, се наведува во нејзината програма.

Шилегов ветува изградба на забавен парк на местото на стариот Луна парк кој ќе биде најголем во регионот, додека Арсовска покрај изградбата на пет мега паркови низ цело Скопје, ветува и изградба на забавни паркови и возобновување на Луна Паркот кај Градски Парк.

Во однос на најавената гасификација Арсовска тоа ќе го прави преку системи за снабдување со природен гас. Шилегов пак ќе ги враќа корисниците на централно греење со евтини тарифи и со субвенција на инвертер клими.

Арсовска ветува 25% поевтин паркинг во Скопје. И двајцата ветуваат заштита на Водно, изградба на нови улици и булевари, решенија на комуналните проблеми на скопјани, намалување на сообраќајниот хаос и загадувањето...