По 70 години, прва реконструкција на спортска училишна сала во ООУ „Панајот Гиновски” во Бутел

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски денеска информираше дека по 70 години, за првпат се реконструира спортска училишна сала во ООУ “Панајот Гиновски”.

„Старата дотраена спортска сала ќе замине во историја. Со реконструкцијата се поставува целосно нов под со нова подлога. Ќе се добијат и нови соблекувални а ќе се реконструираат и санитарните јазли“, истакна Костовски.

Со оваа реконструкција, како што посочи тој, се обезбедуваат квалитетни услови за сите училишни спортови и непречено одвивање на наставата по физичко и здравствено образование.

Тој додаде дека проектот се реализира со поддршка на Министерството за образование и наука и воедно потсети дека предходно ова општинско училиште доби нова енергетско ефикасна фасада и ново фудбалско игралиште со вештачка трева.

„Наскоро ќе започне и доградбата на ова општинско основно училиште со што ќе овозможиме одвивање на наставата во една смена“, најави градоначалникот.