По 61-годишно чекање, Црешево добива училишна спортска сала

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски денеска информираше дека по повеќе од шест децении, учениците од Црешево конечно ќе добијат современа училишна спортска сала .

„Денес, заедно со директорката на ООУ „Наум Охридски“, Елизабета Андова, извршивме увид во градежните активности. Она што го видовме е охрабрувачко – работите се одвиваат со одлична динамика, а очекувањата се салата да биде завршена и ставена во употреба на почетокот на октомври. Учениците од Црешево, Виниче и Смилковци конечно ќе добијат услови какви што заслужуваат – современ спортски објект изграден според европски стандарди, наменет за кошарка, одбојка, ракомет и сите активности од физичкото и здравственото образование“, истакна Стефковски во објавата на Фејсбук.

Проектот опфаќа и современи соблекувални со тушеви и тоалети, простории за наставниот кадар и простор за складирање на спортската опрема.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 34.099.421 денари, средства обезбедени од Владата на Република Македонија.

„Ова не е само изградба на спортска сала. Ова е исправување на една долгогодишна неправда“, нагласи градоначалникот.