По 35 години повторно заедно: Маријана и Росана со нова песна што потсетува дека „животот нема реприза“

По повеќе од 35 години, сестрите Маријана и Росана повторно снимија заедничка песна. Насловена „Засекогаш млади“, таа е резултат на нивната соработка со Дац и Александар Митевски, музичари кои во изминатиот период настапуваа заедно низ Македонија.

Музиката и аранжманот ги потпишува Александар Митевски, додека текстот е создаден во соработка со Огнен Неделковски. За мастерингот беше задолжен Дарко Димитров.

„Беше вистинско доживување да се создава музика со сестрите близначки, легенди на македонската сцена. Како дете ги гледав на телевизија, а денес имав можност да работам со нив. Во овој проект сите донесовме дел од себе и се надевам дека публиката ќе ја почувствува таа енергија“, вели Александар Митевски.

Песната е создадена во ретро-диско стил, инспириран од музиката на седумдесеттите години. Со препознатлив ритам, топли вокали и носталгична атмосфера, „Засекогаш млади“ потсетува на времето кога дружењето, музиката и едноставните моменти беа доволни причина за радост.

За Дац, насловот на песната носи порака што ја надминува музиката.

„Луѓето отсекогаш трагале по вечната младост. Ако таа идеја се преточи во песна, текст и видеоспот, би изгледала токму вака. Сакавме да создадеме проект што ќе буди носталгија, но и ќе потсетува дека младоста е состојба на духот“, вели тој. Рефренот „Живеј го животот, зашто нема реприза“ ја носи главната порака на песната – дека најважно е секој момент да се живее исполнето, без одложување. Во текстот на песната се провлекува мислата дека „среќата и тагата се близначки две“, како потсетник дека радоста и тагата често одат заедно и се неразделен дел од животот.

За Маријана, новата песна има и силно лично значење. По враќањето во Македонија, повторно застана на сцена со својата сестра, а токму за оваа соработка поминала околу 26.000 километри.

„Ова за мене е враќање дома. Повторно сум покрај Росана и повторно пеам пред публиката што со години ни ја даваше својата поддршка. Соработката со Дац и Александар ми донесе многу убави моменти кои ќе ги паметам долго“, вели Маријана.

Песната е проследена и со видеоспот, кој Росана го опишува како филмска приказна.
„Среќна сум што повторно сме заедно. Имаме песна во која веруваме, прекрасна соработка и видеоспот кој изгледа токму онака како што го замислувавме. Благодарна сум што Маријана помина толку долг пат за повторно да создаваме музика заедно. Тоа е љубов што не се мери со километри“, вели Росана.