По 30 деца на една воспитувачка во јавните градинки

Недостигот на кадар во градинките се проценува на повеќе од 2000 лица, што укажува на системско рушење на детската заштита во изминатата деценија.

Министерството за труд и социјална политика дало согласност за продолжување на вкупно 214 договори за вработување на определено време до крајот на февруари.

„Според добиените податоци од Јавните установите за деца од општините во Град Скопје во месец септември има вработено вкупно 742 негователи од кои 71 се на определено време. Во постапка е добивање на согласност за вработување на овие лица на неопределено време“, велат од МТСП.

Во Законот за заштита на децата групите во градинките се предвидени да бидат со помалку деца за разлика од реалните состојби. Кога се во прашање хомогените групи, до 12 месеци се предвидени групи од шест до осум деца, над 12 до 18 месеци, групите треба да бројат од осум до десет деца. Над 18 месеци до две години групите треба да бројат од десет до 12 деца, а над две до три години од 12 до 15 деца. Од 15 до 18 деца треба да имаат групите од три до четири години, а од 18 до 20 групите со четири и петгодишни деца. Групите од пет до шест години треба да имаат максимум до 25 деца.

Иако градинките имаат огромен недостиг од кадар, само во Ѓорче Петров од оваа година без работа остануваат 15 негувателки и воспитувачки, кои во градинките во оваа скопска општина работеле изминатите четири години. Бројките на терен покажуваат дека земјава има недостиг не само од кадар за градинките туку и од објекти. Поголем дел од градинките во Скопје имаат проблем поради недостиг од простор и кадар за згрижување на запишаните деца.

Во повеќето од нив има и по 35 до 40 деца во група, за кои се грижат само една негувателка и една воспитувачка.Вкупно 69 јавни установи со 272 објекти се распоредени во 59 општини, како и 37 приватни установи за деца. Дејноста се реализира во вкупно  309 објекти. Во 60 од вкупно 80 општини има јавни установи за згрижување и воспитание на деца.

Во 6 општини има групи во други просторни услови, додека во 14 општини нема установа, објект, ниту група во други просторни услови за  згрижување и воспитание на деца.