По 23 години во САД, младиот Дино се врати во Тафталиџе - „Македонија е мојот прв дом“

Од општина Карпош, на својата официјална фејсбук страница, ја споделија приказната за младиот Дино кој одлучил Америка да ја замени со Македонија. 

По 23 години живеење во Соединетите Американски Држави, Дино Георгев, заедно со своето семејство се враќа во Македонија. Тој и покрај тоа што е роден во САД, Илиноис, живеел како вистински Македонец, учел и се интересирал за оваа мала земја во која живеат прекрасни луѓе.

Неговата мајка, која е родена во Скопје, а израснала во Тафталиџе, општина Карпош, ја поттикнала неговата желба за нивното враќање во Македонија. Тој како мал доаѓајќи во Македонија, со својот дедо ги поминувал најубавите летни денови, а престојот му бил секогаш исполнет и интересен. Дино, кој сега веќе има 25 години и живее во Скопје две години, е фасциниран од македонскиот народ и обичаи, пред се од љубезноста на луѓето и прифаќањето на нови лица.

- Иако сум роден во Америка, сепак желбата да се вратам во родниот крај на моите родители беше огромна. Јас и мојата сестра, многу често зборувавме со мајка ми како е да се живее во Македонија, но поради работата на татко ми и поради школувањето на сестра ми и моето, не успеавме порано да се вратиме – со возбуда во гласот почна да раскажува Дино.

Тој додаде дека во 2022 година, неговиот татко се пензионирал и одеднаш, без никаква друга причина, освен носталгија кон својата земја, одлучиле да се вратат во Македонија.

Дино сега е трета година во American College Skopje и веќе има огромен круг на пријатели кои му помагаат во се што работи.

- Имам среќа или можеби мојот народ македонски е таков, па имам другари кои во многу работи ми помагаат, заедно излегуваме, се дружиме, учиме. Морам да напоменам дека мојата најголема поддршка и помош за адаптацијата во Македонија, Скопје е мојот дедо, кој ми е ветер во грб и јас сум му многу благодарен за тоа – со сета среќа одговори Македонецот од Америка.

Животот во САД и не е така едноставен како што изгледа, мислејќи дека секаде е подобро од Македонија. За овој факт и го потврдува Дино и неговото семејство, кое по долги години се враќа повторно во родниот крај.

- Јас во Америка пораснав и многу си го сакам животот, уживам во него. Но, не е се така како што изгледа, бидејќи станува се исто, не се чувствуваш така слободен и безгрижен. Во САД децата кои веќе наполниле 15 години, интензивно бараат работа и сами заработуваат и воедно учат. Таму скоро е ова сосема нормално и тамошните деца наоѓаат време и за сами да заработуваат и да учат. Па така сум навикнат, но во Скопје, различниот начин на функционирање ми е малку почуден, бидејќи децата по своето полнолетство се осамостојуваат. Сепак, веќе имам 25 години и барам работа како што и многу други луѓе на моја возраст го прават истото – продолжи да раскажува Дино.

Начинот на живот во Соединетите Американски Држави и Македонија е сосема поразличен, потврди Дино, но поинтересен е фактот што тој би се вратил во Америка само за да ги види своите тамошни другари и преостанатата фамилија.

- Америка ја сакам, таму се родив, тоа е мојот дом, но сепак за мене прв дом е Македонија и ако морам да изберам помеѓу САД и Македонија, Македонија ми е на првото место – одлучно заврши Дино.

Америка е далеку, таа има милиони можности за почеток на нов живот и остварување на замислените цели, но ништо не е поубаво како дома, а каде е семејството на Дино таму е неговиот дом, во Карпош.