По 19 години затвор за убијците на Никола Саздовски

Кривичниот суд во Скопје им одреди по 19 години затвор на Бесим Беља и Скендер Демири, кои на 29 јуни минатата година, безмилосно го претепаа 20 годишниот Никола Саздовски, член на навивачката група „Комити“ на автобуската станица во Автокоманда.

Во текот на постапката обвинетите се изјаснија дека не се виновни за смртта на Саздовски. Нивните бранители тврдеа дека смртта не настанала од ударите, туку од падот на Саздовски врз металната кутија која се наоѓала непосредно до местото на немилиот настан.

Како што изјави судијката, која го води случајот, со извршено вештачење утврдено е дека смртта настанала токму од ударите, а не од падот врз кутијата.

„При нападот Саздовски доживеал тежок телесен и психолошки стрес, била предизвикана душевна болка што воопшто не ги засегнало сторителите. Истите биле свесни за болката која ја нанесуваат на оштетениот. Истовремено дејствувале 3 наспроти 1. Обвинетите кои биле психички здрави лица по падот во бессознание на Саздовски продолжиле со ударите. Изгубен е еден млад живот, одземено е основно човеково право. Штетата за членовите на семејството е ненадоместлива“, рече судијката Даниела Алексовска Стојановска.

Беља, Демири и Јетон Љужа кој е во бегство, на 29 јуни 2018 година околу 17.45 часот на булеварот „Александар Македонски“ во населбата Автокоманда, на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“, му пристапиле на Саздовски и му побарале лична карта.

Откако Саздовски го потврдил идентитетот, обвинетите заедно почнале да го удираат со боксови во главата и градите. Од силните удари Саздовски загубил рамнотежа, паднал на тротоарот, по што обвинетите со силни удари со нозете продолжиле да го удираат по главата. Од ударите Саздовски добил тешки телесни повреди опасни по животот по што паднал во коматозна состојба.

Саздовски во бессознание бил пренесен во ургентниот центар во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Истиот ден бил пренесен на КАРИЛ каде престојувал повеќе од 10 дена. На 3 јули 2018 година била констатирана мозочна смрт. Како резултат на здобиените повреди, Саздовски починал на 9 јули 2018.

Семејството на Саздовски на почетокот од постапката побара оштетно побарување и се приклучи на кривичниот прогон.

Кривичниот законик предвидува максималната казна затвор за обвинетите до 20 години наместо до 40 години или доживотна, од причина што сторителите за време на извршување на делото имале помалку од 21 година.

Обвинителот Анел Фидовски побара продолжување на притворот за Беља и Демири до почетокот на издржување на затворската казна.