По 10.600 денари социјална помош за семејствата кои сега земаат 3.029

Типично социјално семејство со двајца невработени и две малолетни деца кои денеска добиваат класична социјална помош од само 3.029 денари, следната година ќе добива 10.600 денари, најавија премиерот Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на заедничка владина прес-конференција. 

Следната година ќе бидат активирани 2,2 милијарди денари за социјалните случаи.

– Четиричлено семејство со две возрасни деца и едно лице кое е неработоспособно месечно ќе добива 11.700 денари. Трите лица влегуваат во системот на активација, односно поддршка за подготовка за вработување. Типично четиричлено семејство со две малолетни деца ќе добива 10.600 денари од кои денес 70 отсто од овие лица имаат 3.029 денари и тоа ги доведува во дополнителен ризик. Разликата е над 7.000 денар или 300 отсто – рече Царовска.

Како што велат Заев, Тевдовски и Царовска, не станува збор за зголемување на социјалната помош за околу 300 отсто, туку и зголемување на опфатеноста на бројот на приматели на социјална помош и опфатот на семејствата со социјален ризик, бидејќи во моментов таа денес не е реална.

Ќе се зголеми и бројот на деца кои ќе примаат детски додаток и образовен додаток.

– Детската сиромаштија е наш таргет. Детски додаток сега примаат многу малку деца, вкупно 3.200 деца. Ваков додаток примаат само оние семејства кои имаа приход од 10.000 денари. Со реформата овој додаток ќе го примаат 73.500 деца – рече Царовска.

Според неа, образовниот додаток за децата ќе биде гарантирана помош.

– Ако сега имаме вкупно 3.800 деца кои примаат условен додаток за образование во 2019 година нивниот број ќе се зголеми на 64.316 – додаде Царовска.

Во иднина детски и обвразовен додаток ќе добиваат и семејствата со едно вработено лице, односно оние кои примаат минимална плата.

– Семејствата со минимална плата од 12.165 денари во наредните години ќе имаат месечен приход од 15.465 денари. Во овие приходи влегуваат детскиот додаток од 1.600 денари и образовниот додаток од 1.700 денари. Оние пак со право на минимална гарантирана помош ќе земаат 10.600 денари, во кои влегуваат детскиот образовниот додаток, како и енергетскиот додаток – појасни Царовска

Заев рече дека ова се прави во европскиот социјален дух.

– Наша цел е да ги научиме да ловат риби не да им даваме риби, како што вели поговорката. Да ги подготвивме да работат – рече Заев.

Тој информира и дека оние кои ќе одбијат два пати работа ќе ја изгубат социјалната помош.

– Време е да имаме системско решение наместо да чекаме хуманите граѓани да донираат за сиромашните – се придодаде Тевдовски.