„Плочник“ доби ново зеленило

Блокот од Градскиот ѕид лоциран спроти зградата на Владата на РМ или популарно меѓу младите наречен Плочник, доби ново зеленило.

Садници во различни бои кои ќе внесат живост на еднобојниот плочник помеѓу зградите од Градски ѕид од утрово го разубавуваат просторот. Засадена е и висококвалитетна трева, како и грмушести и високи растенија. Во зимскиот период растенијата ќе имаат прилика да се прилагодат на почвата, а веќе од пролет се очекува да го претворат плочникот во вистинска оаза за уживање на жителите од овој дел од Центар. 

Од Општина Центар работата на хортикултурното уредување на повеќе локации, а се обрнува внимание на местата кои се познати собиралишта на граѓаните, а каде до сега бдејат запуштени жардињери со исушени растенија. Разеленета е вкупна површина од 1 070 метри квадратни. Главно засадени се растенија од видов граминеи и перени, како и зимзелени растенија, темен бусен и листопадни ползавци. За наводнувањето на растенијата, поставен е автоматски систем кој овозможува навремено и контролирано наводнување. 

На истата локација порано годинава беше поставено и детско игралиште со површина од 250 квадратни метри, наменето за деца до 11 години. На барање на граѓаните уредувањето беше заокружено и со поставување на урбана опрема како клупи, канти за отпадоци и сл.