На адреса на Град Скопје досега пристигнале 185 барања од родители кои сакаат во чест на нивното новороденче да засадат дрво на некој од скопските паркови.

Според Град Скопје оваа бројка покажува дека интересот за проектот е голем, а граѓаните кои побарале локација за дрво веќе ќе може да го засадат во есенската акција која ќе започне наскоро.

Од таму најавуваат дека дрвјата во рамките на проектот „Дрво за секое дете“ ќе бидат засадени во рамките на есенската акција за садење која ќе започне наскоро. Дрвјата од проектот е предвидено да бидат засадени во сите општини – во паркови и на главни улици, како и во блоковското зеленило на општините.

Инаку, на дрвото ќе има плочка каде што ќе го пишува името на детето и датумот на раѓање. Секое новороденче добива код кој родителите го пријавуваат на 071/395-395 и по основ на тој код добиваат една локација. Дел од понудените 18 локации беа парк “Чаир”, булеварот “Христијан Тодоровски Карпош“, Градски парк, парк “Македонија” во Тафталиџе и Парк на 100 дрвца.. Низ годините, секој што засадил дрво ќе може да го следи растот на дрвото заедно со неговото дете.

При најавата на проектот од Град Скопје посочија дека секој граѓанин на Скопје има право на сопствено дрво на иднина, а влогот во здрава животна средина е трајна придобивка која непосредно влијае врз здравјето на сите сегашни и идни генерации.