Пленковиќ: Македонија во 2000 година беше пред Хрватска, но две држави ѝ одземаа 21 година од приближувањето кон ЕУ

Македонија во 2000 година беше пред Хрватска, но две држави ѝ одземаа 21 година од институционално приближување кон Европската Унија, смета премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, пренесува РТЦГ.

Тој, во изјава пред состанокот на Европскиот совет во Брисел, зборувајќи за хрватско-црногорските односи и условите за членство на Црна Гора во ЕУ, ги потенцираше кочниците со кои се соочува Македонија во евроинтеграцискиот процес.

„Го имате примерот со Северна Македонија, која, кога го имавме самитот во Загреб во 2000 година, беше пред Хрватска во институционалниот аспект. Тие сè уште не ги започнале преговорите. Постојат две земји кои, да речеме, од 2005 до 2026 година ѝ одземаа 21 година институционално приближување на Северна Македонија кон Европската Унија“, посочи Пленковиќ

Тој наведе дека, за разлика од соседите на Македонија, Хрватска, во случајот со Црна Гора не го прифати тој пристап и дека и покрај тешкото наследство, пристапува многу конструктивно.