Плажите во Дојран полни- ноќевање и до 30 евра, се апелира да не се зголемуваат цените

Последните неколку години Дојран повторно стана една од најпосетуваните туристички дестинации. Повторното враќање на интересот  за летување во овој туристички центар стана и причина  за покачување на цените од одредени издавачи.

Од општината велат дека оваа појава е поизразена за време на викендите и празниците кога  се јавува и недостиг од слободни сместувачки капацитети и за која дел од туристите веќе се пожалиле кај локалните власти. Градоначалникот на Дојран вели дека доколку ваквата состојба продолжи Дојран ќе се соочи со проблем, односно губење на гостите и затоа јавно аплеираше до сите издавачи на соби и апартмани да не формираат цени кои се далеку над реалните.

,, Некогаш може да се случи апартман или студио да се изнајмува и по 1800 а и повеќе денари што според мене мислам дека е прескапо. Многу често слушам коментари од посетителите дека на некој начин имаме исти цени за сместување како и во Грција, односно одредени места во Грција кои се на море. Би сакал да упатам еден апел пред се до издавачите да не дозволиме трендот кој го имавме изминатите неколку години кога секоја година се зголемуваа гостите во Дојран да ни се случи обратен случај.,, вели Борче Стамов – градоначалник  на општина Дојран, во изјава за Сител.

Според Стамов цените и во иднина треба да останат на нивото од претходните години со цел да не се дозволи да се случи од атрактивна и посетувана,  Дојран да стане дестинација која туристите ќе ја одминуваат.  Во моментов Дојран располага со 6500 легла чија искористеност за време на викенди и празници, но и во самиот шпиц на сезоната е 100%.