Платите на наставниците во основните и средните школи ќе се покачат за 5 отсто

Платите на наставниците во основните и средните школи ќе се покачат за 5 отсто. Ваквата информација ја потврдија претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков и премиерот Христијан Мицкоски веднаш по завршување на нивната средба. Зголемувањето ќе биде од овој месец.

„Тоа значи дека од овој месец, односно од октомвриската плата, вработените во основното и средо образование ќе имаат зголемена плата за пет проценти. Задоволството е уште поголемо што се договоривме за континуиран раст на платите во основно и средно образование во период од четири години, каде според нашите заеднички математики, конечно вработените во основно и средно образование, носителите на дејност наставниците и професорите ќе имаат плата во висина од просечна или нешто над просечна плата“, рече Неделков.

Како што додаде, ова е голем успех во преговорите, во социјалниот дијалог и партнерство и е доказ дека со заемно почитување и разбирање како социјални партнери, може да се дојде до прифатливи решенија.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференцијата посочи дека после неколку неделни преговори и анализи, и врз основа на она што го имаат како информација како се полни буџетот и кои се проекциите за годините кои следат, сакале да постигнат договор кој ќе биде долгорочен и ќе биде во насока на подобрување на финансиска состојба на наставниците.