АД Номагас, националниот оператор на системот за пренос на гас, платил провизија за неповлечени средства од над 400 милиони денари, поради тоа што не ги трошел договорените износи од кредитирањето од Дојче Банка и Ерсте Банка за проектот за изградба на магистралните гасоводи Штип – Неготино – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар.
Државниот завод за ревизија ова го констатира во својот последен извештај за „развојот на системот за гасификација во Македонија“ во последните години. Станува збор за околу 412 милиони денари, или околу 6,75 милиони евра, кои акционерското друштво требало да ги плати како еден вид „санкција“ за непотрошени средства од подкредитот на меѓународните финансиски институции за изградба на двете гасоводни делници.
Кредитот од 90 милиони евра беше договорен во 2015 со рок на враќање од седум години и грејс период од три години. Во озаконувањето на договорот со банките беше предвидено дека парите може да се користат и за буџетска поддршка. По девет години , гасоводите се речиси изградени но не се пуштени во употреба поради недовршена експропријација.