Платата доцни, газдата е на одмор - газдите кои доцнат со плати на Балканот одат во затвор, во Македонија мува не ги лази

-Имавме состанок во мај. Газдата не викна сите во канцеларија, да не извести дека платата малку ќе задоцни. Тогаш стануваше збор за априлската плата. Да бидеме трпеливи и да разбереме. Ни, ни ги кажа причините. Еве и денеска се уште сме трпеливи, иако е месец јули. Пред неколку дена, тој истиот газда, замина на одмор на Бали. Ние сме работници, земаме 200 евра плата, не ни е зор да одиме на одмор, а и сметките според него не мора да ги платиме, ниту пак да јадеме...

Такав е состојбата во поголемиот дел приватни фирми во Македонија. Газди на грб на вработените.

Во регионот се апсат газдите кои доцнат со исплата... Неисплаќањето на платите е проблем кој особено стана изразен со почетокот на кризата и тоа не само во земјава, туку и во регионот. Поголем дел од земјите веќе усвоија закони што ги казнуваат работодавачите, затоа што се проценува дека околу 1 милион работници низ целиот регион добиваат плата со задоцнување или воопшто не ја добиваат. Поради тоа што паричните казни се покажале како неефикасен инструмент во повеќе држави, голем дел од нив решија да воведат построги санкции за фирмите-нелаќачи.

Во Хрватска, работодавачите законски подлежат на казна затвор од три години доколку на вработените не им ја исплатат платата или дел од заработката, бидејќи тоа се смета за кривично дело, иако таму законот не важи за работодавачите кои не можат да ги исплатат работниците поради нарушеното работење на нивните фирми.

Во Србија од јануари годинава се усвоија законски измени со кои  неисплаќањето на работниците повеќе од три месеци се смета за кривично дело.

Слични измени на законот се предложени и во Република Српска, каде се предвидуваат затворски казни од три до пет години за работодваците кои не им даваат плата на работниците редовно.

 Во Босна, претседателот на Стопанската комора побара измена на кривичниот закон, со што неисплаќањето на платите ќе се смета за кривично дело.По ваква мерка се посегнало поради примери во кои заработувачките се исплаќале преку бонови, со што се избегнувало плаќањето придонеси.

Во Бугарија пак, строгите закони за задоцнети плати веќе се покажале успешни. Фирмите почнале да ги исплаќаат задоцнетите плати на нивните работници, откако Бугарскиот трудов синдикат открил дека 72 работодавачи им должат на работниците близу 9 милиони евра.