„Пластичарска“ ќе добие канализација, а напролет ќе се проширува

Скопскиот градоначалник го најави почетокот на реконструкцијата и проширувањето на улицата „Никола Карев“, позната како Пластичарска улица. Тендерот за избор на фирма која ќе ги изведува градежните работи е завршен, но тој не обелодени нејзиното име бидејќи е меѓу период кога сè уште не е истечен рокот за жалби по тендерската постапка.

Планирана е целосна реконструкција и проширување на коловозот на потег од клучката „Детелинка“ до улицата кај влезот на касарната „Илинден“, во вкупна должина од 1.440 метри. На овој потег ќе се добијат четири сообраќајни летни, пешачки и велосипедски патеки, а на делови и разделно зеленило.

Булеварот ќе довие ново осветлување, а ќе се дислоцираат електричните и телекомуникациските инсталации. Предвидено е и поставување на нова атмосферска канализација со променлив профил, во вкупна должина од 2.162 метри, како и водоводна мрежа на двата крака, во вкупна должина од 2552 метри.

Како што дополни Шилегов, најпрво ќе се работи на поставување на канализационата мрежа, па од мај наредната година ќе се работи на проширување на улицата.