Планови за зелени коридори: Дали Скопје може да се проветрува преку Серава?

Излезот од загадувањето на воздухот и топлинските летни бранови кои ја мачат метрополата ќе се бара во формирање зелен коридор од изворот на реката Серава до вливот во Вардар, се предвидува во програмата за животна средина за 2016 година, усвоена на последната седница на Советот на Град Скопје. Според оваа програма, ќе продолжи истражувањето за тоа како да се воспостави еколошки коридор, а заклучоците ќе се презентираат во завршен елаборат, пишува Дневник.

- Градот Скопје во услови на загаден амбиентален воздух, од една страна, но и последици од климатските промени, односно топлински бранови, од друга, е принуден да создаде услови за подобро проветрување на градот. Еден од начините е создавање зелени коридори кои почнуваат во периферните делови на градот и го насочуваат свежиот и чист воздух кон централните делови. Изведениот коридор воедно ќе придонесе кон заштита на реката Серава - објаснуваат градските власти.

За изработка на студијата за зелен коридор предвидени се 200.000 денари, кои се обезбедени од буџетот на Скопје за 2016 година.

За зоните каде што постои ризик нивоата на загадувачки супстанции да надминат еден или повеќе прагови за алармирање се изготвуваат краткорочни акциски планови, велат од Градот. Се утврдуваат мерките што треба да се преземаат на краток рок, особено за идентификација на причините за загадување за да се намалат ризикот и времетраењето на надминувањата.

Градската власт во 2010 година изготви акциски план за вонредни состојби, а потоа е донесена и одлука за алармантни состојби, која опфаќа два вида мерки: прво ниво - известувања и препораки и второ ниво - ограничувања и забрани.

- Изготвувањето на новиот акциски план е во тек - информираа од Градот.

В година ќе продолжат почнатите активности за изработка на зелен катастар. Станува збор за документ со податоци за обемот и видот на зеленилото, со цел тоа да се заштити и унапреди.

- Зеленилото, покрај функционалните, рекреативните, амбиенталните и социјалните функции, придонесува и кон намалување и адаптирање на климатските промени. Со зелениот катастар ќе се утврдат површината, сопственоста и квалитетот на зеленилото во функција на урбанистичкото планирање, а со крајна цел да се спречи натамошната пренамена на зеленилото во градежни цели - велат одговорните.

Активностите опфаќаат изработка на хардвер, софтвер, реализација на терен, како и кампањи за подигање на јавната свест. Потребните средства се во висина од еден милион денари, кои се буџетски, а и УНДП учествува со свои финансии. Извршители на проектот за зелен катастар се УНДП, „Паркови и зеленило“, Градот и Шумарскиот факултет.

В година ќе се изработи и интегриран катастар на загадувачи на животната средина, со податоци кои ќе помогнат за преземање на потребните активности за заштита. Подготвителните активности за овој документ се почнати во секторот за заштита на животната средина преку обединување на сите податоци од досегашните проекти и нивно мапирање на ГИС-подлоги со помош на секторот за ИТ на Град Скопје. Во 2015 година е избран извршител, работите за изготвување на катастарот се почнати и продолжуваат во 2016 година. Парите за оваа активности се во износ од 1,5 милион денари.