Планински, бањски, транзитен – најперспективни видови туризам во Македонија

Планински, бањски и транзитен, се трите видови туризам што во Македонија имаат голем потенцијал. Според туристичките работници, не се помали можностите и за развој на алпинизмот, пештерскиот, ловниот и религиозниот туризам.

Од Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора, доходовни можат да бидат и конгресниот, спортскиот и рекреативниот туризам.

Во Македонија моментно доминираат езерскиот и градскиот туризам со фокус на Скопје како културна дестинација. Но, согласно перспективите и можностите, планинскиот, бањскиот и транзитниот туризам се клучни и државата треба да се фокусира на нив зашто расположливите потенцијали во овој сегмент се големи, а не се доволно искористени

Македонија има пет до шест бањи кои биле активни во минатото, но сега, дел од нив се оставени на забот на времето.

Кежовица во Штип е целосно руинирана, топлите води на Бања кај Кочани се користат за наводнување оранжерии, Катлановска бања инвестираше во модернизација, но се користи главно за лекување, не и за класичен туризам, Дебарски бањи имаат вложено многу, но инфраструктурата за да се стигне дотаму е исклучително лоша, а и Негорски бањи и Цар Самоил се користат единствено за лекување.

Солунска Глава и Кораб се само некои од атрактивните врвови, а во Македонија има повеќе од 20 со над 2.000 метри надморска висина.