Најновата претстава на Македонскиот народен театар (МНТ) „12“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, во која игра врвна актерска екипа е распродадена до февраури 2025 година. Премиерата е закажана за 20 ноември, во 20 часот на големата сцена на МНТ, а претставата е работена по мотивите на драмата „12 гневни луѓе“ (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз.
Во претставата игра позната машка актерска екипа: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев. Судија: Тања Ивановска.
„Расподадени се сите четири изведби во ноември, претпримерата на 19, премиерата на 20 и следните две изведби на 21 и 22 ноември. Пуштивме дополнителни билети за на сцена, кои се купуваа исклучиво на билетарницата на МНТ и тие се продадени за ноември. Одамна не владеел волку голем интерес за некоја претстава. Распродадена е до февруари. Онлајн веќе се купуваат билети за март, некој купува и за мај“, велат од МНТ.
Билетите за претставите во МНТ чинат 500 денари, а оние што се на сцена чинат 700.
Приказната следи порота од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или ослободат 18-годишен обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги да ги преиспитаат сопствените морални вредности.
Асистент на режисерот е Борјан Стојков, костимограф е Александар Ношпал, сценограф и дизајнер на светлото е Мартин Манев, а музиката е на „ПМГ Колектив“.