Плаќање во кеш само до 1.000 евра, од јуни до 500 евра

Сите плаќања на суми повсоки од една илјада евра од почетокот на годинава мора да одат преку банкарска сметка.

Откако лани во јули стпи во сила одредбата на Законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам со која прагот на дозволените плаќања во кеш од 15.000 евра се симна на две илјади евра, од почетокот на годинава сумата се намали на 1.000 евра, за во јуни годинава тој праг да се симне по трет пат и тоа до 500 евра.

Ова важи и за граѓаните и за фирмите, а за прекршување на Законот предвидени се казни од 5.000 до фантастични 80.000 евра. Примената на законската забрана за готовински плаќања ја контролира Управата за јавни приходи.

Законодавецот објаснува дека интенцијата е да се намали сивата економија, а според економските експерти крајната цел е без платежна картичка граѓаните да можат да купат само нешто ситно.

Со европската директива која е транспонирана во Законот прагот е поставен на 10.000 евра. До него се придржуваат членките на ЕУ, као и земјите кандидати за влез во Унијата.

Многу понискиот праг во Македонија не го поддржа бизнис заедницата, особено затоа што не важи за обложувалниците, кои се сметат за извор на сивата економија. Но, Законот веќе шест месеци е во примена, за денес без картичка да не може да се купи на пример поскап телевизор, а од средината на годината ниту поевтин.