Плаќање билет со мобилен: „Скопска“ наскоро и за корисниците на „Вип“

Можноста за плаќање со мобилен телефон во јавниот превоз со вртење на бројот 185 од Градот и ЈСП ја најавуваа уште кога беше најавено воведувањето на електронската наплата во автобусите на ЈСП.

Билетот за едно возење платен преку мобилен телефон чини 40 денари, а со електронската картичка чини 35 денари.

Од ЈСП тврдат дека ваквото плаќање функционира.„Македонски телеком“, има направено своја апликација, а упатството е залепено до валидаторот во сите автобуси, кое можат да го видат патниците. 

Од „Македонски телеком“  за Дневник објаснуваат дека имаат склучен комерцијален договор со ЈСП како продажно место за наплата на билет со мобилен телефон за своите корисници и услугата веќе е функционална.

- Од почетокот на годината има околу 400 успешни трансакции за купување билет со мобилен телефон од страна на нашите корисници. Постојат и неуспешни обиди за трансакции затоа што претходно корисниците треба да ја активираат услугата mobipay (купување со мобилен телефон), со која ќе можат да купат билет или друг производ од трговската мрежа. Услугата се активира бесплатно на 141-114. По добивање на СМС-нотификација, веднаш може да се купи билет - објаснуваат од телекомот.

Од „Вип“ најавуваат дека и нивните корисници ќе може да плаќаат возење во градскиот превоз. Оттаму велат дека по извршената хармонизација, неопходните усогласувања и утврдувањето на деталите го доставиле до ЈСП договорот за мобилно плаќање на услугите.

- Откако договорот ќе биде потпишан од двете страни, очекуваме во најкус можен рок во интерес на корисниците на „Вип“, а, пред с`, на граѓаните на Скопје да биде овозможена техничка поврзаност со системот на носителот на техничкото решение за електронска наплата и наплата преку мобилен телефон за билети, со што ќе стартува и мобилното плаќање за корисниците на „Вип“ - потенцираат од овој оператор.

Во врска со контролата на плаќањето во приватните автобуси од ЈСП објаснија дека за тоа ќе бидат ангажирани нивните контролори.