Плакарт и Скопје постер фестивалот ја продлабочуваат соработката со One Design Week

По успешниот фестивал ШУНД во Белград, Плакарт продолжува со мисијата да го промовира македонскиот дизајн и да ја продлабочува соработката со регионалните иницијативи од областа на дизајнот.

Од 10-19 јуни Плакарт ќе учествува на 8то издание на One Design Week, еден од најубавите дизајн фестивали од Балканот.

Неделата на дизајн One во Пловдив ќе биде отворена на 10ти јуни (петок), кога како дел од официјалната програма ќе биде отворена изложбата на плакати од 8. Скопје постер фестивал на тема „Сите за луѓето со хендикеп“. Плакатите ќе бидат изложени во Домот на културата Борис Христов.

Во рамки на програмските активности Плакарт ќе има уште едно претставување. На 12 јуни(недела) од 15 до 16 часот во Домот на културата Борис Христов ќе се одржи презентацијата на тема „Меѓународниот студентски конкурс за плакат промотор на социјалниот плакат. Влијание врз свеста на луѓето за општествени и глобални проблеми“.

Покрај Дизајн форумот, во кој оваа година учествуваат значајни дизајн професионалци како Еисуке Тачикава, Адам вон Хафнер, Петер Мариголд, Стевен Серато, во рамки на овој фестивал се одржуваат изложби, работилници, концерти, проекции, дебати, настани наменети за деца. Програмата може да ја погледнете на следниот линк: http://onedesignweek.com/program/?lang=en#

One Design Week е во организација на ЕДНО, платформата која под својата капа ги има и фестивалите One Architecture Week и One Dance Week. Сите три фестивали од пред неколку години се под покровителство на општина Пловдив – претходно ЕДНО ги организираше истите во Софија. Во изминатите години гости на Неделата на дизајн One биле меѓудругите Матали Красет, Мишел Мариот, Ерик Кесселс, Стефан Сагмајстер, Дејвид Карсон.