„Пивофест“ започнува денес!

Фестивалот кој ги обединува музиката и пивото започнува денеска, а ќе трае до 17 јули. Во овогодинешната програма на фестивалот најавени се голем број на домашни и регионални музички ѕвезди како што е Лозано, Љубојна, ДНК, Игор Џамбазов, Галија и многу други.

Поради одржувањето на „Пивофест“ по осумнаесети пат, градот Прилеп ќе има посебно регулиран сообраќај поради безбедна реализација на планираните фестивалски активности.

Од СВР Битола апелираат до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат сообраќајната сигнализација, а прилепчани поретко да ги користат своите возила за одржување поголема безбедност и непречено одвивање на сообраќајот. 

Покрај ова полицијата апелираше да не се вози доколку се конзумира алкохол, возилата да се паркираат на безбедни и означени места и да се следат упатствата на службите за паркирање и насоките на полициските службеници, во автомобилите да не се оставаат вредни предмети, посебно не на видливо место, бидејќи тоа може да предизвика поголемо внимание на крадците, да се внимава на паричниците и на мобилните телефони.

СВР Битола ги потсетија посетителите дека не е дозволено пукање со оружје, употреба на пиротехнички средства, учество во физички пресметки, предизвикување или поттикнување друг физички напад, оддавање на пијанство на јавно место или нарушување на јавниот ред и мир во алкохолизирана состојба.