Пиво фест во Скопје со ново име и на нова локација

Од наредниот четврток до сабота на стадионот на Армијата ќе се одржи „Скопје пиво фест“. Покрај на нова локација фестивалот ќе се одржува и под ново име односно наместо „Гурмански викенд во Скопје – Пиволенд“ ќе се вика „Скопје пиво фест“.

„Од оваа година го ребрендираме фестивалот, наместо ‘Пиволенд‘ добива ново име ‘Скопје пиво фест‘ и во наредните години планираме да добие интернационални размери. На посетителите ќе им понудиме различни видови на пиво од земјава и светот, атрактивна сцена за артистите, богата локална кујна, одлична музичка програма, како и голем број забавни активности“, велат од Град Скопје.

Според програмата во четврток фестивалот ќе се отвори со трибјут концерти на рок групите „Ред хот чили пеперс“ и „ЕКВ“, во петок ќе настапи српската рок група „Електрични оргазам“, а во сабота Бени Нон Стоп и Дани. Од Град Скопје велат дека во наредните денови ќе има и дополнување на програмата со уште неколку изведувачи и бендови.