Писмо за збогум...

„Писмо за збогум“ е писание кое често му се припишува на познатиот Нобеловец Гарбиел Гарсија Маркес, но вистината е дека тоа е напишано од мексиканскиот забавувач Џони Велч и било објавено под насловот „Куклата“.

Поголемиот дел од медиумите му го припишале овој текст на Маркес, затоа што тој во тој момент бил сериозно болен. Колумбискиот писател никогаш не го коментирал случајот.

Во секој случај, се работи за едно прекрасно и емотивно четиво, кое ќе направи да размислите за вашите приоритети во животот.

Писмо за збогум...

Кога Бог за момент би заборавил дека со својот избор одбрав да бидам марионета и би ми дарувал малку повеќе живот, тоа време би го искористил најдобро што можам.

Веројатно не би кажувал се што ми е на ум, но сигурно би размислил за сѐ она што го кажувам. Би ги ценел работите според нивното значење, а не според нивната вредност. Малку би спиел, повеќе би сонувал, затоа што знам дека секоја минута помината со затворени очи значи дека губиме 60 секунди од овој свет.

Би одел кога другите ќе застанат, би се будел кога другите спијат. Кога Бог би ми дарувал тронка живот, би се облекол едноставно, би се свртел кон Сонцето, откривајќи го не само моето тело, туку и мојата душа...

Би ги уверувал луѓето дека се лажат кога мислат дека е невозможно да се заљубиш во староста. Не знаат дека стареат токму затоа што ја избегнуваат љубовта!

На децата би им направил крила и би им ги подарил за успешно летање, но дури откако ќе научат да летаат...

На постарите луѓе би им рекол дека смртта не доаѓа заедно со староста, туку со чувството на напуштеност. Луѓе, толку работи би научил од вас...

Научив дека сите сакаат да живеат на врвот на планината, заборавајќи дека вистинската среќа се крие во самото качување на врвот.

Научив дека кога новороденото дете со своето мало раче ќе го фати татковиот прст, тоа засекогаш го држи и засекогаш ќе го држи.

Научив дека човек има право да гледа на друг од високо, само кога ќе сака да му помогне на некој да стане. Толку работи можев да научам од вас и затоа секогаш кажувајте го тоа што го чувствувате, правете го тоа што го мислите, но во реалноста и немам баш многу научено, затоа што кога ќе ме закопаат, ќе заборавам сѐ.

Кога би знаеш дека денес за последен пат ќе те видам поспана, силно би те прегрнал и би му се молел на Бога да ми дозволи да бидам твој ангел чувар. Кога би знаеш дека тоа се последните минути што те гледам, би ти рекол „те сакам“ и не би претпоставувал дека го знаеш тоа.

Секогаш има некакво утре и животот ни дава можност да направиме добро дело, но денес е сѐ што ни останува и затоа би сакал да ти кажам дека многу те сакам.

Утрешниот ден не загарантиран за никој – ниту за младите, ниту за старите. Можеби денес ќе биде последниот пат кога ги гледаш своите најблиски. Затоа, немој да бидеш неодлучен, направи го тоа денес, затоа што ако излезе дека не си го дочекал утрешниот ден, ќе жалиш за денот во кој ти недостасувало време за една насмевка, за еден бакнеж, за еден... со оглед на тоа дека си бил презафатен за да им ги пренесеш своите чувства и последни желби.

Секогаш биди во близина на оние кои ги сакаш, гласно кажувај им дека ти требаат, дека ги сакаш и биди добар кон нив. Најди време и кажи им: „Жал ми е,“, „Извини“, „Те молам“, „Фала“ и сите останати зборови на љубовта кои ти ги знаеш. Запомни, никој не ги знае и нема да ги помни твоите скриени мисли и чувства.

Затоа моли го Бог за сила и мудрост за да можеш да ги изразиш. Покажи им на своите пријатели и блиски колку ги сакаш и колку ти се потребни.