Писмо за тебе: Сѐ за љубовта, сѐ што никогаш не ти кажав...

Ако некогаш ти кажам дека не те сакам, тоа ќе биде само за да ги ставиш твоите усни на моето лице и да ми речеш: „Знам дека ме сакаш.“

Затоа што сакам да знаеш и без да ти кажам. Затоа што сакам да претпоставиш каква чудесна мелодија создаваат пеперутките во стомакот на оваа триесетгодишна жена која за некое чудо се заљуби. Сакам да знаеш колку сакам кога ми недостасуваш. Затоа што недостасувањето некако е убаво, знаеш? Оној црв кој не ни дава мир, па полетуваме во нечија прегратка дури и кога се преправаме дека сме лути. И кога сакаме да бидеме. И кога не сакам, а сме. А ни самите не знаеме зошто сме лути.

Сакам да знаеш дека веќе ми недостасува секој момент кој го преживеавме. И дека не жалам поради тоа недостасување ни за една секунда, затоа што се радувам на новите денови и минути во кои моето срце ќе пее. Сакам да знаеш дека твоите раце се моето омилено нешто во овој живот. И дека сѐ што немаш можеш да го создадеш со своето срце. Го знаеш ли тоа?

И дека секој ден ќе потпишувам нови договори со кои го изнајмувам просторот во твојот живот, баш онака како што се договоривме – квадрат за бакнеж. И дека  го сонувам оној поглед на цел град. Ние кои одново ги лепиме скршените соништа и ги одново ги шиеме скинатите судбини во подрумот кој ти го нарекуваш работилница.

Дали знаеш зошто те засакав? Тебе и тие твои сини очи со сјајот на ѕвезди кои паѓаат?

Една вечер ми рече: „Кажи ми некоја твоја желба“. Ги потпрев моите влажни образи на твоите рамена покриени со рани и уморни од тешкиот товар на животот, додека спомените го стегаа обрачот околу нас. Го слушаше моето молчење.

А јас посакував да можам да кажам: „Спаси ми од светот во кој злобата е најчеста религија, во кој се старее веднаш по детството, свет во кој сѐ поретки се зелените полиња. Спаси ме од луѓето кои на насмевката возвраќаат со грубост, а на убавиот збор со молчење. Одведи ме од светот во кој се пцуе и најсветото, каде молитвата ја нарекуваат заблуда за масите, од оние кои веруваат само во она што го гледаат и они кои го сакаат само она што го користат. Спаси ме од гладните волци. И од злобните погледи. Одведи ме во земјата Недојдија, во која пролетните утра мирисаат прекрасно, каде птиците ќе нѐ будат, а штурците заспиваат, каде детската насмевка и понатаму е најубавата музика, а очите на старците се најдлабоките езера.“

Но, јас само молчев, додека градот тонеше во мирот на предвечерието, а снегулките со својот вртоглав танц го покриваа светот околу нас. Сѐ замрзнуваше, само во мене се топеше сантата мраз. Не говорев, но моето срце го вриштеше твоето име.

Ние двајца, со испреплетен раце, додека погледите ни се среќаваа на раскрсницата на животот. Две срца и усни оддалечени само за миг. Солзите капеа, а рацете самите се виткаа во прегратка, додека бисерите од моите зелени зеници срамежливо течеа по моето лице. Полека сфаќав дека ти си еден од оние ангел кои доаѓаат во животот на човекот и набрзина му крадат дел од срцето и го чуваат на некое сигурно место кое само тие го познаваат. Остатокот е кај нас, да нѐ потсеќа на сета убавина која ни ја носи таа „загуба“.

И ден за ден, месец по месец, деновите стануваат побогати, а срцето пополно. Те засакав и двајцата во срцето носевме половина од нешто одамна скршено, како што верните љубовници носат поврзани привезоци. Тоа беше нешто чие име го спомнувавме само во сеќавањата, не затоа што сме заборавиле, туку баш поради тоа што спомените беа живи. Нашите скршени судбини на која било друга животна патека би се сретнале за миг и би ја завршиле својата приказна.

Но, имаше нешто на оваа патека на која се сретнавме, баш во овој момент. На неа имаше надеж дека нашата приказна нема да има крај, дека патот не води кон слепа уличка туку претставува само пат кон пространството. Одевме со истите чевли и добро знаевме како тие знаат да бидат непријатни. Само на оваа патека тие чевли ни беа со совршена кројка и не сакав да се скршнам ниту за милиметар.

Ти денес си ми она нешто што на давеникот му доаѓа и му засветува во моментот кога сите светилници се гасат – и надежта и верата. Стравот е голем колку што е голема љубовта. Не знам од што се плашам, но знам дека твоите раце ќе ја избркаат сета грижа од моето лице. И додека е така, сакам за првпат во животот да мислам дека може да се живее од љубов. Иако ми е страв.

И затоа, прегрни ме. Секој ден, секој месец и во секој момент во кој срцето ти кажува дека тоа го сака. А ако некогаш ти речам да ме пуштиш, стегни ме посилно. И вози ме низ моите стравови. До крајот на светот. И почетокот на нашиот мал рај.