Дозволете ми да го започнам ова писмо со нешто што е очигледно: Ми недостасувате. Пријателки сме повеќе од 20 години, иако поголемиот дел од тоа време го живееме во различни градови, но сепак има денови кога премногу ми недостасувате.

Има денови кога копнеам да ве видам и тој недостиг е толку болен што не можам да си дојдам на себе. Има денови кога ме фаќа таква носталгија што имам чувство дека ќе изгубам свест.

Сепак, за време на овие години, речиси ја прифативме реалноста дека така ќе биде и во иднината. Пораки, мејлови, Фејсбук, Вибер и слични методи, се наша основна комуникација и во поголемиот дел го имам прифатено тоа. Можеби можам да кажам и дека се имам навикнато на тоа.

Но, иако можеби го прифатив тоа, тоа секако не значи дека понекогаш не посакувам работите да беа поинакви, да сме блиску едни до други, поредовно да се гледаме, да не бидеме толку зафатени. И натаму ми недостасувате. Секогаш ќе ми недостасувате. Ми недостасува она што некогаш бевме. Ми недостасуваат тие денови кои ги поминувавме заедно, кога доволно беше само да кренеме слушалка и за две минути да договориме излегување. Ми недостасуваат разговорите кои траеја со часови, затоа што не брзавме никаде и немавме што да правиме. Ми недостасуваат нашите заеднички часови и гледање серии. Ми недостасува нашата желба да бидеме оригинални и реални, нажата желба да бидеме чуени и видени. Ми недостасува тоа како ги делевме нашите соништа и визии. Ми недостасува чувството кога сме заедно, чувството дека некаде припаѓаме. Но, најмногу ми недостасувате вие.

Во текот на годините изградивме нови пријателства и тоа блиски пријателства кои се формирани, негувани и одржувани со постојана комуникација. Благодарна сум за тие нови пријатели. Потребни се за да ни пополнат празнина во срцето. Потребни ни се за да фрлиме сенка на минатото. Потребни ни се за да бидеме помалку осамени. Но, тие нови пријатели не се ВИЕ.

Животот е брз, а во последно време дури и пребрз. Денови, недели и месеци летаат како луди и пред да имам шанса да се освестам, годините пролетале. Но, кога сме заедно, тогаш времето застанува или тече побавно... Може да пројдат денови и месеци без да направиме муабет, но кога повторно ќе се видиме, чувството е исто како да се сме виделе вчера. Скриени зад ѕидовите на носталгијата се гредите на заедничката историја, а под годините на разделеност лежи силен темел кој е составен од неколку децении пријателство.

Затоа се гледаме кога можеме и секако тоа никогаш не е доволно. Но, кога ќе се видиме, надоместуваме за сѐ. Зборуваме за нашите животи и колку тие се променети. Поминуваат часови во анализирање на минатото и спомените и секогаш кога ќе се сетиме на минатото, солзи ни течат од смеење. И потоа се разделуваме со цврти прегратки и си кажуваме колку се сакаме.

И потоа се враќаме на секојдневието. Се фокусираме на вниманието кон нашите партнери и децата, семејството и новите пријатели. Повторно праќаме мејлови и пораки. Ставаме слики на Фејсбук и си праќаме пораки. Нашите животи пак се преполни со обврски, состаноци, училиште, приредби на деца...

И низ сето тоа, повторно си недостасуваме едни на други – до следното видување, кога тој период на разделба ќе исчезне и повторно ќе збориме како да сме се виделе вчера и времето повторно ќе сопре за миг.

До следното видување...