Писмо до мажот со кој имав неверојатна хемија...

Имаше нешто кај тебе што инстантно ме привлече кон тебе. Уште од првиот ден кога се запознавме, сѐ додека не се разделивме, хемијата помеѓу нас беше неверојатна. Мислам дека и денес ако те сретнам на улица, пеперутките во стомакот веднаш ќе се активираат и ќе посакам да ти се стрчам во прегратка, иако знам дека повеќе не си мој.

Среќа што ретко те гледам. Не се движиме во истите кругови. Кога те изгубив, навистина минав низ тежок период и навистина ми е полесно тоа што не те гледам често. Ова ти го пишувам за да тит кажам дека никогаш нема да те заборавам, но никогаш повторно не би била со тебе.

Иако се надевав дека ќе успееме, длабоко во себе секогаш знаев дека само се залажувам себеси. Никогаш не знаев на што сум со тебе и тоа ме полудуваше. Еден момент беше луд по мене, во следниот момент ме игнорираше. Еден ден ми го подаруваше целиот свет на дланка, наредниот ден се однесуваше како јас да не постојам во твојот живот.

За секој чекор напред, правевме 10 чекори назад. Знаев дека ти сакаш да играш игри. Знаев дека не си подготвен да се врзеш и јас потсвесно одбрав да ја платам таа цена само за да бидам со тебе.

Знаев дека си играш со мојот ум и срце, но не можев да ти оддолеам.

Секојпат кога ќе ги погледнев тие очи, заборавав на сите солзи кои ги исплакав за тебе. Заборавав на сите непроспани ноќи кога размислував за нас. Заборавав на сѐ што ми недостасуваше и твојата насмевка ме разоружуваше.

Имавме неверојатна хемија. Како некоја магнетна сила да нѐ влечеше еден кон друг. Не можевме да си се наситиме еден од друг. Секој допир беше полн со електрицитет, тензија, страст и копнеж. Но, нашата хемија не беше само физичка, туку и интелектуална. Ние можевме со часови да разговараме и се разбиравме еден со друг.

Затоа и ме болеше толку. Имавме сѐ, а не знаевме како да направиме нешто од тоа. Не знаевме како да ја одржиме врската. А и ти се исплаши. Нешто во тебе кликна и ти избега во моментот кога работите станаа малку посериозни. И јас не можев ништо да направам.

И последниот пат кога си замина, решив никогаш повторно да не те примам назад. Иако ми се кршеше срцето, ги игнорирав пораките дека ќе се промениш, затоа што знаев дека нема да се случи тоа, не ти кревав на телефон. Има денови кога сакам да ти вратам на пораките или да ти се јавам. Но, не можам. Ако го направам тоа, повторно ќе се вовлечам во тој хаос.

Уште те немам преболено. Барем не целосно. Хемијата сѐ уште постои. Љубовта сѐ уште постои. Желбата и копнежот сѐ уште постојат, но мене ми е потребно повеќе, потребна ми е сигурност и посветеност, а ти тоа никогаш нема да ми го дадеш.